Консултации за иднината на образованието на Ромите | Регистрирај се сега

Ромскиот образовен фонд организира шест јавни консултации за иднината на образованието на Ромите. Состаноците ќе се одржат онлајн, преку Zoom, помеѓу 7-ми и 12-ти април. Ги покануваме невладините организации, јавните институции и сите заинтересирани страни да се пријават и да учествуваат во овој процес.

Првите две јавни консултации се закажани на 7-ми април. Првиот, кој започнува во 10.00 часот по средноевропско време е меѓународен состанок и јазикот на комуникација ќе биде англиски. РЕГИСТРИРАЈ СЕ ТУКА

Втората јавна консултација на 7-ми април е наменета за организации, институции и засегнати страни од Република Северна Македонија и ќе започне во 14:00 часот по средноевропско време. РЕГИСТРИРАЈ СЕ ТУКА

11-ти април

Меѓународни консултации, 10.00 часот по средноевропско време – РЕГИСТРИРАЈ СЕ ТУКА

Консултации со романски организации, институции и засегнати страни, 14.00 часот по средноевропско време – РЕГИСТРИРАЈ СЕ ТУКА

12-ти април

Консултации со бугарски организации, институции и засегнати страни, 15.00 часот по средноевропско време – РЕГИСТРИРАЈ СЕ ТУКА

Консултации со српски организации, институции, засегнати страни, 18.00 часот по средноевропско време – РЕГИСТРИРАЈ СЕ ТУКА

Вашите повратни информации и сознанија ќе бидат собрани за време на консултативните дијалози. Исто така можете да ги испратите и во писмена форма на consultations@romaeducationfund.org.

Образованието на Ромите и Фондот за образование на Ромите:

консултативен документ

  1. Позадина

Лошото образование претставува воедно причина и последица на маѓепсаниот круг на маргиналноста на Ромите и нивната слаба ангажираност во јавниот живот. Поради оваа причина, образованието е главен приоритет за ромските политики, финансирање и проекти на ЕУ, меѓународните донатори и националните влади кои имаат намера да ја подобрат состојбата на Ромите. Ова беше всушност и идејата за создавањето на Фондот за образование на Ромите (англ. Roma Education Fund, REF) во 2005 година.

Сè до денес, ромските деца не се вклучени во целост во формалните образовни системи, ниту пак им е обезбедено инклузивно и квалитетно образование. Во формалните образовни системи, исто така, не е соодветно земена предвид културната димензија, историјата и социјалната динамика на Ромите како конститутивна етничка група на европските држави.[1] Здравото чувство за ромскиот идентитет – наместо чувството на инфериорност и срам – засновано меѓу другите фактори на темелното познавање на ромската историја, култура, јазик и придонеси на Ромите во главните општествени текови (англ.mainstream), е предуслов за ангажирање на Ромите во јавниот живот со цел да се постигне напредок во нивните непосредни заедници, како и во пошироките заедници и општеството во целост.

Последниот извештај на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ покажува поразителни резултати во 10 земји на ЕУ,[2] вклучувајќи ги и следните сознанија:

  • Процентот на Роми кои се чувствувале дискриминирани при контакт со образовните институции се зголемил во последните пет години.
  • Сегрегацијата во училиштата се зголемила за децата на возраст од 6-15 години.
  • Процентот на млади Роми на возраст од 20-24 години кои завршиле најмалку средно образование останал главно на истото ниско ниво.

Главните причини за овие проблеми датираат од 19от век, кога беше воведено масовното образование за да се промовира идејата за национална припадност и да се негуваат вештините неопходни за новоразвиените индустрии. Во текот на последните 30 години, нашите општества беа дестабилизирани од социјални, економски и политички транзиции и кризи, што резултираше со растечки исклучувачки национализам. Како резултат на тоа, сè уште се соочуваме со низок квалитет на образовната поддршка, особено во средините каде Ромите се мнозинство, недостаток на соодветни инвестиции во училишната инфраструктура, запоставување на Ромите од страна на наставниците и незнаење. Ромите останаа странци или граѓани од втор ред во своите сопствени држави, а материјалната и концептуалната несигурност на образовните институции ја одразува оваа општествена и политичка реалност.

  • Пристапот на Фондот за образование на Ромите

Главниот пристап во минатото – во кој Фондот за образование на Ромите инвестираше заедно со други кои работеа на образованието на Ромите и со националните влади – беше да се „десегрегираат“ училиштата кои што обезбедуваат образование со низок квалитет  за доминантно ромски ученици преку нивно затворање и/или превезување  на учениците Роми во „неромски училишта, со надеж дека етнички разновидната средина ќе понуди подобри индивидуални можности за развој. Овој пристап, сепак, се покажа како неефикасен за учениците Роми и, до одреден степен, уште поштетен со тоа што ги изложи, како несакани „гости“, на директни облици на расизам.

Иако Фондот за образование на Ромите не е единствено одговорен за оваа ситуација, легитимно е организацијата да ја преиспита сопствената работа како најголем невладин чинител во оваа област во последните 17 години. Фондот изготви интервенции засновани на надежта дека „премостувањето на јазот во образовните исходи меѓу ромското и останатото население“ ќе се случи како резултат на десегрегацијата и преку програмите за стипендирање кои ќе бидат превземени  од националните влади. Врз основа на оваа претпоставка, Фондот за образование на Ромите разви различни модели и проекти кои секако дадоа одредени позитивни придонеси. Како еден показател за горенаведеното, може да се забележи одреден напредок во областа на образованието, наспроти другите приоритетни области, во текот на Декадата за вклучување на Ромите 2005–2015 година.

Сепак, имајќи ги предвид (1) влошените реалности на ромските заедници, (2) политичкото опкружување и окружувањето во кое се донесуваат политиките, кое што е обележано со растечки етно-национализам и намалена политичка волја за проромски политики, (3) кризите во Европа предизвикани од пандемијата на вирусот Ковид-19 и војната во Украина кои резултираа со сериозни економски и енергетски ранливости, и (4) новите можности кои се појавуваат како одговор на глобалните предизвици – како што се зелените и дигиталните транзиции – Фондот за образование на Ромите треба да направи еден чекор наназад и да ги преиспита своите севкупни стратешки претпоставки во сегашниот контекст, кој што е толку поинаков од контекстот во кој била осмислена организацијата.

Од своето основање до денес, Фондот има стекнато значително искуство во успешно управување и спроведување на проекти, има развиено иновативни модели и пристапи и одржува добри односи со клучните чинители во оваа област. За да се искористат расположливите ресурси на поделотворен начин и да се постигнат резултати за ромските заедници во поголем обем отколку на ниво на поединечни проекти, раководството на организацијата е посветено на темелно преиспитување на теоријата за постигнување промени и стратегијата на организацијата.

  •  Согледувања во врска со идната стратешка ориентација на Фондот за образование на Ромите

Врз основа на кратката контекстуална анализа презентирана погоре, Фондот за образование на Ромите ги разгледува следните промени:

  • Нашата мисија треба да се промени од „да придонесеме за премостување на јазот во образовните исходи меѓу ромското и останатото население“во „градење на отпорност/издржливост преку образованието“. Овој пристап би вклучувал негување на човечки ресурси кои би биле фокусирани на напредокот на заедницата – а не само на индивидуалниот успех – со цел повеќекратно да ги зголемиме нашите напори и инвестиции.
  • Фондот за образование на Ромите треба да стане центар за иновации, со примена на нови методи и дигитални технологии за поврзување на ромските заедници со актуелните можности и трендови во образованието и вработувањето.
  • Нашиот фокус за обезбедувањето на образовни услуги и помош, како и за застапувањето политики и истражувања треба да биде насочен кон поголемите ромски заедници во Европа, од каде што напорите кои се вложуваат може да се прошират на национално ниво и пошироко, зависно од потребите.
  • Со цел да се изврши поголемо влијание, нашите заложби на целно поставените локации треба да бидат усогласени со инвестициите на другите ромски и проромски чинители во областа на претприемништвото, вработувањето, уметноста и културата, граѓанското образование и вклучување итн.
  • Промовирањето и употребата на ромскиот јазик, историја и култура треба да станат дел од нашите напори за негување на следните генерации образовани Роми. Градењето на гордост, самодоверба и чувство на припадност меѓу идните генерации ромски лидери и застапници е клучно за подобрување на состојбата на ромските заедници на среден до долг рок.
  • Треба да се надоврземе на добрите искуства на Фондот за образование на Ромите за дополнително да ја подобриме вклученоста на ромските семејства и заедници и свеста дека овде станува збор за нивно прашање. Наместо да се гледаат како корисници, членовите на заедницата треба да бидат вклучени како партнери во нашата заложба за развој на образованието и градење на отпорност/издржливост. Затоа, оние кои се вклучени во нашите активности треба да придонесат и со свои ресурси (време, труд, финансиски  и други ресурси) за исполнување на нашите заеднички заложби.
  • Нашите интервенции треба да бидат поткрепени со знаење и истражување засновано на најсовремени аналитички алатки.
  • Следни чекори

Како дел од нашиот процес на стратешка рефлексија, ги покануваме клучните чинители на консултации за идната стратешка насока на Фондот за образование на Ромите. Во согласност со тоа, ве покануваме да ги дадете своите придонеси во врска со следниве прашања:

  1. На глобално (макро) ниво, кои се клучните закани и главните можности за запирање  на тенденцијата на влошување на образовните исходи за Ромите и нејзино свртување кон позитивни трендови?
  2. Која треба да биде улогата на Фондот за образование на Ромите во ваквите потфати?
  3. Што сметате дека недостасува во горенаведените согледувања во однос на идната стратешка ориентација и пристап на Фондот за образование на Ромите?
  4. На кој начин новите согледувања се поврзани со вашите стратешки приоритети и приоритетите поврзани со финансирањето на истите во наредните години?

Одговорите ќе се собираат усно за време на консултативните дијалози со различните чинители во оваа област, а може да се испратат и во писмена форма на consultations@romaeducationfund.org .


[1]Види го извештајот кој беше со поддршка на Советот на Европа изготвен од Институтот Георг Екерт во партнерство со Фондот за образование на Ромите насловен „Застапеноста на Ромите во европските наставни програми и учебници. Аналитички извештај“ на https://repository.gei.de/handle/11428/306

[2] https://fra.europa.eu/en/publication/2022/roma-survey-findings